извор на нов гувернер

Славески предложен за нов гувернер на Народна банка, Собранието ќе гласа на 3 јуни

22.05.2025 16:59

На 3-ти јуни седница за избор на Трајко Славески за нов гувернер на Народна банка – мнозинството дава поддршка, СДСМ гледа погребување на независноста на институцијата...

Пратениците се очекува на трети јуни да се поизјаснат дали го поддржуваат предлогот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, Трајко Славески да биде идниот гувернер на Народната банка. Изборот бил тежок со оглед докажаниот квалитет на тројцата кандидати, рече претседателката. Клучни при носењето на одлуката биле стручноста, компетентноста, дигнитетот и интегритетот. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи предлогот на претседателката Давкова, потврди лидерот на партијата и премиер Мицкоски.

Опозицијата со негодување и остри критики велат дека нема да го поддржат предлогот. Според нив со изборот на Трајко Славески ќе се погреба и последната независна институција. Предлогот нема да го поддржи ниту Левица.

Трајко Славески е професор по макроекономија и државна регулација на Економскиот факултет. Беше министер за развој, координатор на Национална стратегија за намалување на сиромаштијата и министер за финансии кој учествуваше во спроведување на реформите во даночниот и финансискиот систем. Во моментов е претседател на Совет на Град Скопје.

Седумгодишниот мандат на гувернерката Анита Ангеловска Бежоска истече, но таа останува на функцијата до изборот на нејзиниот наследник.

 

Александра Велинова