Обвинителство

Поднесени обвиненија за случајот „Онкологија“

22.05.2025 17:38

Пациенти добивале несоодветна или непотребна терапија – истрагата заврши, поднесени обвиненија против директори и лекари од Клиниката за онкологија. Штетата од злоупотребите проценета на над две милијарди денари...

Истрагата за случајот „Онкологија“ доби епилог. Основното Јавно обвинителство до Кривичниот суд поднесе две обвиненија против петмина. Првото обвинение се однесува за економското работење на Клиниката и ги опфаќа поранешните медицински и организациски директор на Клиниката, Васев и Нухи. Тие се товарат за измама, проневера и злоупотреба на службената положба, дејствија со кои според Обвинителството, прибавиле значителна имотна корист и нанеле штета на Буџетот од над 2,2 милијарди денари. Второто обвинение е за тешки дела против здравјето на луѓето. Се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози, од кои едниот поранешен директор. Во соработка со вештаци од Словенија и Србија утврдено е несоодветно и несовесно лекување на пациентите, 29-мина од нив примале несоодветна, а 16 непотребна терапија.

Истрагата започна по допрен глас од истражувачка новинарска сторија за препродавање на цитостатска терапија наменета за онколошки пациенти. Случувањата на Онкологија ја згрозија јавноста што доведе до низа протести на пациенти и нивни семејства.

Во Собранието лани беше формирана и анкетна комисија чија единствена задача беше да се утврди дали има политичка одговорност во скандалот.

Марина Стојанова-Тонева