Седум приватни специјализанти добија договор за работа
Седум приватни специјализанти потпишаа договори за вработување во охридската болница. Засилување во услови на недостигот на кадар во клучните одделенија. Работата на оваа здравствена установа е со значително зголемен обем во летниот период, а менаџментот веќе апелираше дека има потреба од триесетина доктори и специјалисти...

Во охридската болница од денес со работа почнаа седум приватни специјализанти. Анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози, ги потпишаа договорите. Тие ќе го пополнуваат недостигот на кадар во клучните одделенија, особено во текот на летната туристичка сезона кога има повеќекратно зголемен обем на работа.
„Значењето е големо со оглед на тоа што напомнав фактот само во овие месеци заминаа десет специјалисти колеги во пензија или приватни установи. Така да дефицитот колку толку ќе се пополни нема да се задоволи во никој случај меѓутоа имаме доста специјализанти кои се пуштени од самата установа“, вели д-р Горан Маркоски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Младите лекари, велат својата кариера сакаат да ја градат во родниот град.
„Има дел колеги кои размислуваат за надвор од државата меѓутоа повеќето би сакале да останат тука. И ме радува тоа што повеќето колеги сакаат да се вратат во градовите од каде што доаѓаат“, вели Теодора Настоска-специјализант по гинекологија.
„Веќе почнуваат идеи за градење регионални центри Охрид е еден од тие градови со тоа се надевам ќе придонесеме тоа да биде што поуспешно“, вели д-р Јован Поп Стефанија-специјализант по педијатрија.
Во охридската болница, недостигаат уште триесеттина лекари специјалисти, комплетно кадровско екипирање на установата се очекува за неколку години бидејќи има испратено 35 свои специјализанти.
Соња Рилковска
