Здравство

ОЈО побара притвор за двајцата обвинети директори во случајот „Онкологија“

23.05.2025 13:59

Основното јавно обвинителство од судија на претходна постапка побара притвор за двајцата обвинети директори во случајот „Онкологија“, мерки на претпазливост за тројцата лекари. Сомнеж меѓу пациентите. Од Клиниката апелираат на смиреност, уверуваат дека се воведени драстични промени во работата се со цел стандардизирање на третманот на пациентите. Од Здружението на онколошки пациенти пак најавија средба со јавниот обвинител в понеделник...

Основното јавно обвинителство побара притвор за двајцата обвинети директори во случајот Онкологија, медицинскиот и економскиот, како и мерки на претпазливост за тројцата обвинети лекари во овој случај, одземени им се патните исправи.

„На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретани високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на буџетот на Република Северна Македонија, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство. Во фазата на истрага за овие лица во сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично-правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија.“, стои во соопштението од Обвинителство.

Јавното обвинителство покрена две обвиненија за случајот „Онкологија“ и отвори низа прашања, сомнеж меѓу пациенти меѓу онколошките и оние коишто имаат починато член, а се лекувал на Онкологија.

Останува отворено и прашањето дали овие пациенти кои биле несовесно лекувани се пациенти коишто имаа соммнеж, и сами го доставиле досието во Обвинителството или по вештачењето на целата медицинска документација на Онкологија се откриени само 29 случаи.

Од Клиниката за онкологија апелираат за смиреност и доверба во персоналот.

„Апелираме до сите засегнати, посебно до нашите пациенти и нивните блиски, да останат смирени, сталожени и доверливи во однос на целокупниот работен процес на нашата клиника. Имено на УК за радиотерапија и онкологија, а информирана е и целата јавност, дека по тој немил настан се воведоа драстични промени во работата се со цел стандардизирање на третманот на пациентите со воведување на редовни онколошки конзилиум на кој се одлучува за третманот на пациентите во согласност со современите протоколи кои се усвоени од меѓународните стручни здружени“, стои во соопштението од Онкологија.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски