Блиски Исток

Расте дипломатскиот притисок врз Израел

24.05.2025 13:03

Расте притисокот врз Израел. Шефовите на дипломатиите на најмоќните европски земји го повикаа Тел Авив целосно да го отвори хуманитарниот пристап до Газа. Во прашање се доведува и договорот за партнерство со Израел. Обединетите нации предупредија дека во енклавата е влезен само мал дел од помошта …

Израел соочен со дипломатски притисок. Проширената офанзива во Газа и блокадата на помошта, очигледно беа премногу дури и за западните сојузници на Тел Авив кои испратија јасен сигнал дека е доста. Нетанјаху, пак, кој ги обвини дека се на страната на Хамас тврдоглаво продолжува кон зацртаните цели за целосно уништување на терористите. Палестинците се соочуваат со најсуровата фаза од војната – велат од ООН.

„Израелската воена офанзива се интензивира со ужасни нивоа на смртни случаи и уништување. 80% од Газа е или означена како израелска милитаризирана зона или област каде што на луѓето им е наредено да заминат. Целосната слика е дека без брз, сигурен, безбеден и одржлив пристап до помош, повеќе луѓе ќе умрат – а долгорочните последици ќе бидат длабоки“, рече Антонио Гутереш, генерален секретар на Обединетите нации.

Палестинците во пеколна опсада. Луѓето гладуваат, избегнуваат бомби и губат секаква надеж. Израел дозволи влез на ограничени количества хуманитарна помош, но таа и натаму е недоволна за да го нахрани изгладнетото население по тримесечната блокада.

„Под оваа опсада, шаторите се официјално нашето место. Нема храна, нема вода за пиење, нема пристојно засолниште“, изјави Митаа Салман, раселена од Беит Лахија во Газа Сити.

„Живееме на улица, а условите се мизерни, моите деца гладуваат“, вели Рида Салман, раселена од Беит Лахија во градот Газа.

„Бидејќи помошта е толку мала, не е наменета за дистрибуција, туку оди во кујните и во пекарниците за да се направи леб што подоцна ќе се дистрибуира на места каде што сега е апсолутно преполно со луѓе. Луѓето се гладни повеќе од 80 дена“, додава Хања Ал Џамал, координатор на програмата за Акција за хуманост.

Додека Израел се соочува со дипломатски притисок, Трамп молчи. Поранешни светски челници бараат од Вашингтон да го промени курсот.

„Трамп со неговиот План за Ривиера во Газа ја охрабри владата на Нетанјаху да продолжи со опасната игра. Го повикуваме да го промени курсот и да го суспендира трансферот на американско оружје во Израел сега“, изјави Хуан Мануел Сантос, поранешен претседател на Колумбија.

„Несовесно е што немало повеќе обиди да се спречи неказнивоста, да се воведат санкции, да се запре вооружувањето и да се преземат вистински чекори кои сега почнуваат“, вели Мери Робинсон, поранешна претседателка на Ирска.

Надеж за кризата на Блискиот Исток останува јунската Конференција на високо ниво на ООН за имплементација на решението за две држави. Во војната во Газа досега загинале речиси 54 илјади луѓе.

Бојана Крстевски