Македонија

Државниот врв со честитки по повод Денот на сесловенските просветители

24.05.2025 13:15

Претседателката Сиљановска-Давкова повика да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации. И премиерот Мицкоски потсети дека светите браќа ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието, науката и неговата писменост...

Државниот врв и партиите со честитки до граѓаните по повод денот на сесловенските просветители. Претседателката Сиљановска-Давкова повика да се гордееме со нашето културно и духовно наследство, да го чуваме, збогатиме и да им го предадеме на идните генерации.

„Славејќи ги делата на светите браќа, да ја зацврснеме нашата заложба за градење на општество засновано врз знаење, меѓусебно почитување и достоинство“, вели претседателката.

Собранискиот спикер Гаши вели оти Собранието е посветено на унапредување на образованието, културата и јазичната разноликост, како суштински вредности на едно демократско и напредно општество.

И премиерот Мицкоски потсети дека светите браќа ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието, науката и неговата писменост.

„Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанок и развој на една држава, да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија“, напиша Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Филипче, пак, вели дека светите Кирил и Методиј се темел на нашиот македонски идентитет, јазик и култура, и оти имаме обврска да го почитуваме и негуваме нивното наследство.