Обвинителство

Семејствата на загинатите во клубот „Пулс“ ќе се приклучат во кривичниот погон

24.05.2025 15:53

Семејствата на жртвите во дискотеката „Пулс“ иднава недела ќе бидат повикани во Обвинителството да се приклучат кон кривичниот прогон …

Да се приклучат на кривичниот прогон семејствата на загинатите во клубот „Пулс“ во Кочани, повика Јавното обвинителство. Тие ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени и директно да се информираат за текот на постапката.

Од Обвинителството посочуваат дека во соработка со волонтерите од „Поддршка за Кочани“ ќе ги контактираат најблиските на починатите.

Овој повик според дел од правниците е всушност можност семејствата на загинатите да најават отштетно побарување кое секако нема да биде во фаза на истрагата.

Во истрагата која трае повеќе од два месеци, сослушани се над 300 лица, а според најавите на државниот обвинител Коцевски, се очекува да заврши за десетина дена. Покрај оние 68 физички и три правни лица, нема нови осомничени. Меѓу нив се 13 полициски службеници. Од актуелни функционери осомничени се тогашниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, министерот Салиу, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Џеват Селами, екс-министри за економија и директори на пазарна.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март, загинаа 62 лица, од кои шест малолетници, а 193 беа повредени, од кои 25 деца.

Фиљана Кока