Во Света Софија ексклузивна изложба на ракописи и старопечатени книги
За време на чествувањата по повод Денот на сесловенските просветители, во црквата Света Софија претставена ексклузивна изложба на ракописи и старопечатени книги, која досега не е прикажана во Македонија…

По повод празникот и централната прослава на сесловенските просветители, во катедралната црква Света Софија беше поставена ексклузивна изложба на ракописи- Низ вековите од слово до ракописно и старопечатено наследство, кое е дел од археографската збирка на Националната библиотека. Дел од ракописите биле изложени во Ватикан и Брисел, но за прв пат ја видоа светлината на денот во земјава.
Меѓу другото беа изложени двете старопечатени ретки книги, тријазичниот речник на Ѓоргија Пулески и „За македонските работи“ од Мисирков, за кои е научно докажано дека се обид за кодификација на македонскиот литературен јазик.
„Специфично е за овие книги, посебно за За македонските работи е книга која е создавана после Илинденското издание и однесена е да се печати во Софија. Му било кажано дека тогашните власти дале наредба да биде откупен целиот тираж и запален. Така што овде има ексклузивна можност да се погледне оној мал дел кој е останат тука“, вели Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Ремек дела на фрескоживописите и иконописите во регионот беа претставени на изложба во дворот на црквата Света Софија.
„Пригодна поставка на фотографии и копии од икони и фрески од 11 до 19 век. Избрани се репрезентативни дела кои се дел сопственост на Завод и Музеј Охрид во Галеријата на икони дел сопственост на МПЦ“, вели Горан Патчев, директор на Завод и Музеј Охрид.
Пред присутните беа изложени и најстариот фрагмент на пергамент кој датира од 13 век, Струшкиот зборник со творба за Св. Климент Охридски и Кратовското Евангелие.
Соња Рилковска
