Креативна дипломатија за изнаоѓање решение со Бугарија
Македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова не губи надеж за исчекор на евроинтегративниот пат. Таа во интервју за Радио Слободна Европа, истакна дека е можно со креативна дипломатија во Виена да се стигне до решение со Бугарија, иако, признава дека е тешко да се промени преговарачката рамка …

Австрија е подготвена да разговараме за изнаоѓање креативно решение со Бугарија, вели во интервјуто за Радио Слободна Европа, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Со министерката за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајзингер која деновиве беше во земјава, било дискутирано, разговорите за решавањето на овој спор, да се случат во Виена.
„Јас не можам, не знам, дека сигурно министерката или го сторила или ќе го стори тоа. На иста линија беше и коментарот на претседателот на Европскиот советот, бидејќи и тој рече дека најпрво го оцени нашиот предлог за одложено решение како добро решение но дека не наишол на разбирање во соседството, но изрази спремност меѓу нас тројцата, претседателот на Бугарија. Тој и јас“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Шефицата на македонската држава посочува барањето од надвор уставни измени е спротивно на темелните вредности и принципи на Европската унија. ЕУ треба да вложи енергија креативно да овозможи наше напредување, укажува Сиљановска-Давкова. Предлага:
„Европскиот парламент може да донесе некаков акт за состојбите меѓу нас и Бугарија. Може исто така Советот да даде некакви инструкции, може, исто така, еве да се во некаков акциски план до историската бугарско – македонска комисија да се предочи тие може да бидат слободни, но да внимаваат, иако вие велите дека е теорија. Не е теорија. Тоа се уставни акти на ЕУ, и тие треба да ги почитуваат не само во однос на членовите, туку и во однос на сите други. Значи да им се предочи. Два протоколи потпишавме, така? Еве може уште еден, но да не можат да бидат основ за вето, туку дека ќе се разговара слично како што разговараа Германците и Французите, Полјаците и Германците за да видиме како низ интерпретација на решенијата можеме да дојдеме до конечен договор. Да потенцирам, во Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија нема ниту еден член ниту еден збор за уставни измени. Уставните измени никнаа од првиот и од вториот протокол“, вели Сиљановска-Давкова.
Претседателката негира дека стратешкиот договор со Велика Британија е замена за статус-кво состојбата со Европската унија. Вели не сум фаталист. Но, тврдам дека ние како што сме дел од Европа географски, културно и историски, така сме и политички дел од ЕУ.
Миле А. Ристески
