Москва со жестоки напади врз Киев, и покрај повиците за мир
Затвореници се разменуваат, нападите не запираат. Русија со ракети и дронови повторно удри на Киев. Сирените го параат воздухот во украинската престолнина, но, на удар се најдоа и други региони и градови. Има над 10 загинати и повеќе од 60 ранети. Жестоките напади доаѓаат во време кога се засилува меѓународниот притисок врз Путин да го прифати предлогот за прекин на огнот и да стави крај на војната која беснее повеќе од три години…

Наспроти повиците од светот за мир, Москва ги зајакна нападите врз Украина. Втора ноќ по ред Киев на удар на руските дронови и ракети, погодени се станбени згради. Бројот на жртви и повредени расте. Повеќе од 30 града се најдоа под непријателски оган, Житомир, Чернихив, Одеса, Миколаев.
„Нападите се случуваа цела ноќ. Прво удрија овде, потоа во другите куќи. Потоа на крајот од улицата таму, сите прозорци беа искршени“, вели Ала, жителка на Киев.
„Беше страшно. Вратите беа заглавени, сè гореше. Се обидов да излезам и сфатив дека е невозможно. Потоа дојдоа пожарникарите и почнаа да го гаснат пожарот, и успеав да излезам“, додава Наталија, жителка на Миколаев.
Ова не може да се игнорира. Молчењето на САД и на другите низ светот само го охрабруваат Путин-изјави Зеленски. Ја обвини Русија дека не сака мир, иако тие тврдат дека се подготвени за преговори. Бара да се изврши поголем притисок врз Москва.
„Украина е подготвена за секаков вид дипломатија што дава вистински резултати. Подготвени сме за сите чекори што можат да гарантираат вистинска безбедност. Русија е таа што не е подготвена за ништо. Следната недела мора да биде време за акција насочена кон зголемување на притисокот врз Русија – со други зборови, насочена кон обезбедување мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руските власти, пак, потврдија дека московските аеродроми се привремено затворени поради остатоци од соборени украински беспилотни летала. Меѓусебната размена на оган доаѓа во редок момент на соработка меѓу двете страни. Разменета е и последната група воени заробеници меѓу Москва и Киев, договорена на преговорите во Истанбул.
„Многу сум среќен што се вратив. Дури и не бев сигурен дека ќе се вратам. Секој ден се молев заедно со сите наши момци да можеме да се вратиме дома“, вели ослободен украински војник.
Сега се очекува Русија да го достави до Киев нацрт-документот со условите за мировен договор како што претходно најави рускиот шеф на дипломатијата. Во истовреме ЕУ го подготвува новиот пакет санкции за Москва. Се размислува и за купување американско оружје за Украина во случај САД да одбијат понатамошни испораки.
Бојана Крстевски
