„Сите за Кочани – трчаме заедно“: Хуманитарна трка во седум градови
Во седум градови во земјава се одржаа хуманитарни трки „Сите за Кочани – трчаме заедно“. Настанот го организираше ЕУ, а собраните приходи се наменети за поддршка и помош на семејствата на загинатите и повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“ …

Со срцата и мислите кај кочанчани, со телото и духот во трка на Водно. Стартуваа точно во 10 часот за да се солидаризираат со семејствата на 62 загинати во пожарот. Од седум града, но како еден да им покажат дека во својата болка и тага не се сами и дека никогаш нема да бидат заборавени. Дури и најмладите се тука.
Прв на целта скопјанец со порака за сите. Некоја секунда подоцна и жена која на сите мајки од Кочани сака да им даде сила.
Делегацијата на Европската унија во земјава и мрежата на „Јуроп Хаус“ избраа вака да го одбележат Денот на Европа за да се соберат средства за погодените од трагедијата во Кочани.
„Сите за Кочани-трчаме заедно“ се одвива во исто време во Скопје, Струмица, Крива Паланка, Битола, Велес, Струга и Тетово, а средствата собрани преку котизациите ќе бидат уплатени на Црвениот крст на Република Северна Македонија и ќе бидат насочени кон поддршка на заедницата во Кочани.
Фиљана Кока
