Продолжува изградбата на автопатот Охрид-Кичево
Во јуни од Врбјани до Охрид ќе се патува по нов автопат. И покрај лошите временски услови, продолжува градежната офанзива. Механизацијата и стотици работници секојдневно на терен за да се запазат роковите. Конечната изградба на автопатот ќе заврши до крајот на идната година…

До крајот на јуни ќе биде пуштен дел од автопатот Охрид-Кичево. Делницата во должина од 40-тина километри од Врбјани до Охрид ќе го олесни пристапот до главниот туристички центар оваа летна сезона. И покрај лошите временски услови, продолжува градежната офанзива, механизацијата и стотици работници секојдневно на терен за да се запазат роковите. Конечната изградба на автопатот ќе заврши до крајот на идната година.
„Градежништвото зависи од временските услови, гледате дека имаме полошо време од стандардното за овој период. Но, не очекувам тоа да значи одлагање за повеќе од пет до десет дена, така што крајот на јуни најдоцна почетокот на јули ќе го отвориме автопатот од Врбјани до Охрид со еден прекин кај Ботун“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Поради градежните зафати затворен е влезот на Охрид кај селото Подмолје, се патува по стариот пат од Струга.
„Свесен сум дека за дел од луѓето тоа е сериозен проблем кои патуваат на релација Охрид-Струга но тоа е единствениот начин да го завршиме автопатот. Тоа е за добро на сите. Знаете пред неколку години беше затворен и ништо не се случи. Сега го затвораме за да го завршиме очекувам за неколку недели да го завршиме и да замолам за трпение, а после тоа ќе имаме автопат“, вели Николоски.
Автопатот Кичево-Охрид започна да се гради во февруари 2014 година. Изградбата на автопатската делница е најважниот потег за развојот на стопанството и туризмот во регионот и земјава.
Соња Рилковска
