За година и половина, Велес- Штип ќе биде експресен пат!
Делницата со 13 црни точки, патот од Велес до Штип го менува ликот. За година ипол покрај зголемената безбедност оваа делница ќе има статус на експресен пат. Во моментов градежните работи се сконцентрирани на делницата Велешка депонија- Лозово...

Патот од Велес кон Штип изграден пред педесетина години го менува ликот. 23 километарската делница ќе добие по една нова коловозна лента од двете страни. Во моментов работите се сконцентрирани на делницата од велешката депонија до Лозово.
„Целиот проект опфаќа инвестиција од 15 милиони евра во должина од 23 километри. Конкретната делница е во должина од 9 километри со инвестиција од 6,5 милиони евра“, рече Миле Јанакиески, Министер за транспорт и врски.
Пред три месеци започнаа градежните работи. Според планираната динамика, за година ипол оваа делница ќе има статус на експресен пат со нова сигнализација и максимална прегледност.
„Очекуваме оваа година , а тоа можеме да го ветиме на граѓаните кои најмногу го користат овој магистрален пат дека ќе биде поставен асфалтот. Оној прв носечки слој на асфалт додека финалниот ќе се продолжи наредната година“, рече Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за Државни патишта.
Модернизацијата и изградбата на нови патишта продолжува, велат Јанакиевски и Георгиевски, потенцирајќи дека интензивно се работи на изградба на двата автопата од Скопје до Штип и Кичево -Охрид.
И догодина патната инфраструктура во источна Македонија ќе се обновува, ќе се гради пат од Штип за Кочани и експресен Штип – Радовиш.
Дијана Иванова
