Руско-украински конфликт

Трамп со остри тонови кон рускиот претседател

26.05.2025 09:49

Нови руски напади во Киев. Американскиот претседател Трамп со остри тонови кон рускиот претседател. Тврди, Путин сака да ја заземе целата територија на Украина, а не само делови. Најави построги санкции кон Москва…

Сирени повторно огласени низ Украина. Русија продолжува со последователните масовни напади додека силна критика пристигна од Вашингтон до Москва. Во ретка осуда Трамп изјави дека Путин апсолутно полудел, дека ја сака цела Украина, а не само дел од неа. Додаде дека разгледува воведување на дополнителни санкции кон Москва откако викендов изврши тешки смртоносни напади во над 30 градови, вклучително и Киев. Критики упати и до Зеленски, велејќи дека тој не ѝ прави услуга на својата земја со начинот на којшто зборува.

„Не сум задоволен од она што го прави Путин. Не знам што му се случи? Го познавам долго време, се сложував со него. Но, тој испраќа ракети во градовите и убива луѓе. Воопшто не сум среќен поради тоа. Насред разговор сме, а тој испукува ракети во Киев и други градови. Тоа не ми се допаѓа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Осуда упати и американскиот пратеник Кит Келог.

„Ова е Киев. Неселективното убивање на жени и деца ноќе во нивните домови е јасно кршење на мировните протоколи на Женевските конвенции, дизајнирани да ги заштитат невините“ – напиша Келог на социјалните мрежи.

Реакција пристигна и од Берлин. Руските напади се навреда, дури и кон Трамп, изјави германскиот шеф на дипломатијата, најавувајќи одговор од Западот.

„Путин ги погазува човековите права. Тоа е навреда – вклучително и кон претседателот на САД Трамп. Ова јасно покажува дека Путин не е заинтересиран за мир. Тој сака да ја продолжи оваа војна, а ние тоа не смееме да го дозволиме. Ќе има јасен одговор од Западот, а верувам и од САД“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.

Зеленски побара нов пакет санкции врз Москва и го повика светот да изврши поголем притисок врз Русија. Во меѓувреме, руските сили за воздушна одбрана тврдат дека собориле украински дронови поради кои се воведени рестрикции на летовите на четири руски аеродроми. Заменикот на Путин, Медведев објави дека создавањето на тампон-зоната би можела да ја опфати речиси целата територија на Украина доколку Западот продолжи со воена помош за Киев.

Бојана Крстевски