Наградите на Кирил Ценевски изложени во Кинотеката на Македонија
Во фоајето на Кинотеката, во близина на киносалата, изложени се дел од неговите највредни награди и признанија, како постојана поставка достапна за јавноста.

Кинотеката на Северна Македонија е збогатена со вредна донација од семејството на еден од најзначајните македонски филмски автори – Кирил Ценевски (1943–2019). Во фоајето на Кинотеката, во близина на киносалата, изложени се дел од неговите највредни награди и признанија, како постојана поставка достапна за јавноста.
Меѓу нив се издвојуваат: Златната арена за Црно семе (Пула, 1971), наградата „Жар птица“ (Москва, 1971), признание од Американската филмска академија за кандидатурата за Оскар (1972), специјалната награда од Карлови Вари за Јад (1976), наградата C.I.D.A.L.C. за Оловна бригада (1980), како и признанијата за животно дело – „Златен објектив“ и „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ (2013).
Ценевски, автор на филмови кои оставија траен белег во македонската кинематографија, го започна патот како архитект и киноаматер, а го усоврши занаетот во Лос Анџелес, на Универзитетот Јужна Калифорнија. Со своето дело, остана запаметен како „бунтовникот“ што ја отвори македонската кинематографија кон светот.
