Образование

Започна првиот уписен рок на УКИМ

14.08.2014 15:32

Со потребните документи, идните бруцоши денеска зачекорија на факултетите. Заинтересираноста за упис е огромна...

24.121 место е слободно за идните студенти на петте државни универзитети. Со потребните документи, идните бруцоши денеска зачекорија на факултетите. Заинтересираноста за упис е огромна.

„Досега имаме околу 350 електронски пријавени на нашиот систем за упис, очекуваме бројката да ја надминеме. Минатата година запишавме 360 студенти, оваа година планираме дека ќе запишеме поголем број“, изјави Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Квотата изнесува 540 места. Деканот Станковски е задоволен, повеќе од 50 насто од пријавените биле одлични средношколци и се со над 90 бода.

„Ги сакам пред се комјутерите, а го одбрав смерот КТИ- Комјутерски технологии и инжинерство“.

„Мислам дека овде е најдобро и е најдоброт избор за мојата иднина“, велат анкетираните идни студенти.

И покрај тоа што на пазарот на трудот се бараат стручњаци од информатичките технологии, традиционално општествените науки остануваат популарни.

„До 12 часот се пријавени околу 650 кандидати, што е навистина една голема бројка. Комплетирани документи, како досиеја се околу 350“, рече Горан Ајдински, декан на Филозофскиот факултет.

На најстариот факултет во државава, Филозофскиот, има 690 места. Најголема е желбата за студирање психологија, одбрана, мир и безбедност, социјална работа и политика.

„На социологија, бидејќи ме привлекуваше таа струка и реѓшив да се запишам таму.“

„Мислам дека има перспектива затоа што можам да работам и државна и приватна работа,“ велат анкетираните идни студенти.

Уписот продолжува и утре.

Резултатите од пријавувањето и успехот од средното образование ќе бидат пријавени на 19 август. Бруцошите ќе се запишуваат на самите факултети на 25 и 26 август. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе спроведе и втор и трет уписен рок за слободните преостанати места на 3 и 16 септември.

Лука Андреев