Трамп разгледува опции за санкции кон Москва по смртоносните напади викендов
Сирени повторно огласени низ Украина. Русија продолжи со масовните напади додека силна критика пристига од Вашингтон до Москва. Во ретка осуда Трамп изјави дека Путин апсолутно полудел, дека ја сака цела Украина, а не само дел од неа. Разгледува опции за санкции кон Москва по смртоносните удари викендов...

Сирени повторно огласени низ Украина. Русија продолжи со масовните напади додека силна критика пристига од Вашингтон до Москва. Во ретка осуда Трамп изјави дека Путин апсолутно полудел, дека ја сака цела Украина, а не само дел од неа. Разгледува опции за санкции кон Москва по смртоносните удари викендов. Критики упати и до Зеленски, велејќи дека тој не ѝ прави услуга на својата земја со начинот на којшто зборува.
„Не сум задоволен од она што го прави Путин. Не знам што му се случи? Го познавам долго време, се согласував со него. Но, тој испраќа ракети во градовите и убива луѓе. Воопшто не сум среќен поради тоа. Насред разговор сме, а тој испукува ракети во Киев и други градови“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Реакции пристигнаа и од ЕУ. Руските напади се навреда, дури и кон Трамп-оцени германскиот шеф на дипломатијата. Од Брисел најавија одговор, се надеваат дека меѓународните партнери ќе го зголемат притисокот врз Путин.
„Ги видовме најсмртоносните напади. Затоа, од нас зависи да извршиме притисок врз Русија за и таа да сака мир. Од европска страна, подготвени сме за тоа, се надеваме дека и другите меѓународни партнери ќе го следат примерот“, истакна Каја Калас, висок претставник на ЕУ.
„Путин ги погазува човековите права. Тоа е навреда – вклучително и кон претседателот на САД Трамп. Ова јасно покажува дека тој не е заинтересиран за мир. Сака да ја продолжи војната, а ние не смееме да му дозволиме“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
Зеленски најави нов пакет санкции врз Русија од страна на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина. И го повика светот да изврши поголем притисок.
Во меѓувреме, руските сили за воздушна одбрана тврдат дека собориле украински дронови поради кои се воведени рестрикции на летовите на четири руски аеродроми. Заменикот на Путин, Медведев објави мапа на која дека создавањето на тампон-зоната би можело да ја опфати речиси целата територија на Украина доколку Западот продолжи со воена помош за Киев.
Бојана Крстевски
