Стартува проектот за подобрување на квалитетот на социјалните услуги
Проектот, финансиран од Европската Унија, има за цел да поддржи изградба на функционален, транспарентен и ефективен систем за социјални услуги достапни за сите граѓани, особено за ранливите категории.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Михалис Рокас, денеска со воведни обраќања го означија почетокот на проектот „Поддршка на системот за обезбедување квалитет на социјалните услуги во Република Северна Македонија“.
Проектот, финансиран од Европската Унија, има за цел да поддржи изградба на функционален, транспарентен и ефективен систем за социјални услуги достапни за сите граѓани, особено за ранливите категории. Во наредните 24 месеци, проектот ќе се спроведува низ целата држава, преку активности насочени кон институционално зајакнување, развој на стандарди и индикатори, нови методологии за лиценцирање и обуки за професионалци.
Министерот Лимани во своето обраќање истакна дека министерството, како носител на политиките во областа на социјалната заштита, демографијата и младите, ја препознава потребата од цврст и одржлив систем кој не само што ќе обезбедува социјални услуги, туку и ќе гарантира нивен континуиран квалитет.
Со овој проект се прави значаен исчекор од формален кон функционален и трансформативен систем, од општи заложби кон мерливи стандарди и од услуга како обврска – кон услуга како право, како одраз на грижа, професионалност и емпатија.
Проектот предвидува развој на стандардизирани методологии за следење и евалуација на квалитетот, инструменти за самоевалуација на давателите на услуги, јакнење на професионалните капацитети на социјалните работници, воспитувачи, координатори и сите вклучени во синџирот на поддршка и, најважно, активно вклучување на самите корисници како партнери во процесот на проценка.
