Русија го изврши најголемиот напад со дронови врз Украина
Русија изврши масовен напад врз неколку украински региони. Има жртви и повредени. Вашингтон со осуда, Путин апсолутно полудел-изјави Трамп. Од Брисел најавија одговор и поголем притисок од меѓународните партнери. Од Кремљ со став, Русија таргетираше украински објекти како одмазда за украинските напади...

Русија го изврши најголемиот напад со дронови врз Украина. Рекордни 355 беспилотни летала биле лансирани врз неколку региони, на удар и Киев. Властите известија за жртви и десетици повредени. Осуда за нападот пристига од Вашингтон. Трамп изјави дека Путин апсолутно полудел, дека ја сака цела Украина, а Зеленски не и прави услуга на својата земја со начинот на којшто зборува.
„Не сум задоволен од она што го прави Путин. Не знам што му се случи? Го познавам долго време, се согласував со него. Но, тој испраќа ракети во градовите и убива луѓе. Воопшто не сум среќен поради тоа. Среде разговор сме, а тој испукува ракети во Киев и други градови“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Кремљ се благодарни што американскиот претседател Трамп помогнал во организирањето и почетокот на процесот на преговори со Киев, но велат дека Русија таргетирала украински објекти како одмазда за украинските напади.
„Ги видовме Украинците како ја напаѓаат нашата социјална, мирна инфраструктура. Ова е одмазднички удар врз воени објекти, врз воени цели“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Од Брисел најавија одговор, се надеваат дека меѓународните партнери ќе го зголемат притисокот врз Путин.
„Ги видовме најсмртоносните напади. Затоа, од нас зависи да извршиме притисок врз Русија за и таа да сака мир. Од европска страна, подготвени сме за тоа, се надеваме дека и другите меѓународни партнери ќе го следат примерот“, изјави Каја Калас, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Зеленски претходно најави нов пакет санкции врз Русија од страна на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина. Го повика светот да изврши поголем притисок.
Маријана Димовска
