Нема договор за откупната цена на грозјето
Преполовени приноси и несогласување околу откупната цена на грозјето. Тешка година за лозарството. Неповолните временски условии болестите значително ги намалија квантитетот и квалитетот на родот, а некаде посевите се целосно уништени...

На 20 дена пред стартот на бербата нема договор меѓу лозарите и винариите за откупната цена на грозјето. И на третиот состанок во Министерството за земјоделство не ги приближија ставовите. Првите сакаат за двa денара повисока откупна цена, винариите со став – откупната цена да биде иста како и ланската.
Производителите бараат 13 денари за Смедеревка и 15 за Вранец. Повисоките цени ги правдаат со зголемените трошоци за прскање и за заштита на родот.
„Лозарите се тие кои секогаш се оштетени од страна на винарските куќи. Политиката што тие ја водат не е добра за лозарството. Сметам дека е погубно ако останеме на минатогодишните цени, бидејќи оваа година имавме двојно или тројно повисоки трошоци за заштитните средства“, смета Љупчо Аризанов, претседател на Сојузот на лозарите „Агротиквешија“.
Пред стартот на бербата, визбите не очекуваат проблеми со откупот, но за нив е спорен квалитетот на родот.
„Солидарен пристап кон нашите партнери (лозарите) би бил максимално зачувување на минатогодишните откупни цени, затоа што сегашните услови не гарантираат дека ќе имаме квалитет соодветен на лани“, изјави Игор Илиевски, директор на винарска визба.
Околу една работа сите се согласни– ова ќе биде тешка година. Лошите временски услови и болестите го преполовија родот, а дел од посевите се целосно уништени. Државата ветува помош.
„Ние помагаме преку субвенционирање на лозарите. Секоја година даваме 650 евра по хектар лозов насад, а субвенционираме половина од трошоците за нови насади“ -рече министерот за земјоделство, Михаил Цветков.
Се очекува последниот развој на настаните конечно да ги поттикне земјоделците да го осигуруваат родот, особено што државата покрива 60 проценти од трошоците за осигурување.
Мартин Пушевски
