Продолжуваат руските напади во Украина
Киев ја обвини Москва дека планира нова офанзива. Зеленски го повтори повикот за зголемен притисок врз Русија, со дополнителни санкции. Од Кремљ велат дека таргет на нападите биле воени цели...

Руските сили ја нападнаа Украина со речиси илјада ракети и дронови во последните три дена. Изминатата ноќ регистрирани повредени на југот и југоистокот, соопштија украинските власти. Москва пак обвинува за пресретнати околу 100 беспилотни летала во седум региони. Зеленски став, Русија ја пролонгира војната.
„Од информациите добиени од разузнавачките служби и од податоците од отворени извори можеме да видиме дека Путин и неговата придружба не планираат да ја завршат војната. Во моментов нема индиции дека сериозно размислуваат за мир или дипломатија. Напротив, постојат многу докази дека подготвуваат нови офанзивни операции. Русија смета на продолжена војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Американскиот претседател Трамп јасно стави до знаење дека губи трпение со Путин. Генералниот секретар на НАТО, Руте, изјави дека Алијансата ќе продолжи да го поддржува Киев за да ја обезбеди одбраната и да спречи натамошна агресија. Обединетите нации со апел, крвопролевањето мора да запре и да се преземат чекорите за постигнување траен мир.
„Време е да се стави крај на руската инвазија на Украина, да се обврземе – и да спроведеме – сеопфатен прекин на огнот што ќе ги запре секојдневните убивања и уништувања и да започнеме вистински мировни преговори, изградени врз почитување на меѓународното право“, изјави Лиз Тросел, портпаролка на Канцеларијата ООН за човекови права.
Турскиот министер за надворешни работи Фидан е во дводневна посета на Москва. Претходно Кремљ и се заблагодари на Турција што беше домаќин во разговорите меѓу Русија и Украина. Западните сојузници велат дека згаснуваат надежите за ставање крај на тригодишната војна.
„Сите напади се неприфатливи, но во овој момент во кој се наоѓаме, тие се целосно неприфатливи. Очигледно е дека секогаш ќе бидеме на страната на меѓународното право и во овој случај осудувајќи ја Русија“, изјави Пауло Рангел, министер за надворешни работи на Португалија.
Путин имаше неколку покани и можности да седне на преговарачката маса, а тој ги отфрли, неговото однесување нема да остане без последици, став на шефот на германската дипломатија. По Велика Британија, Франција, САД, канцеларот Мерц објави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.
„Нема да му дадеме можност на г. Путин да знае што конкретно правиме, тоа ќе биде одговорно, но Украина ќе може ефикасно да се одбрани. Така беше во минатото, а така ќе биде и во иднина“, изјави Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.
Европската Унија се очекува формално ќе ја одобри својата програма од 150 милијарди евра за зголемување на трошоците за одбрана во блокот.
Маријана Димовска
