Четири скопски училишта добиваат паметен систем за енергетско управување
Со проектот е предвидено воведување на напреден систем за паметно мерење и управување со електрична енергија (Smart Energy Metering and Management – SEMM) во училиштата „Мирче Ацев“ (Ѓорче Петров), „Исмаил Ќемали“ (Чаир), „Кирил Пејчиновиќ“ (Кисела Вода) и „Лазо Ангеловски“ (Аеродром).

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потпиша Меморандум за соработка со четири основни училишта од Скопје и со Македонски Телеком, со што започнува пилот-проект за подобрување на енергетската ефикасност во образовните институции.
Со проектот е предвидено воведување на напреден систем за паметно мерење и управување со електрична енергија (Smart Energy Metering and Management – SEMM) во училиштата „Мирче Ацев“ (Ѓорче Петров), „Исмаил Ќемали“ (Чаир), „Кирил Пејчиновиќ“ (Кисела Вода) и „Лазо Ангеловски“ (Аеродром).
Системот е донација од Македонски Телеком и ќе им овозможи на училиштата во реално време да ја следат потрошувачката на електрична енергија, со цел да се идентификуваат начини за рационално користење и намалување на трошоците.
„Енергетската ефикасност мора да почне од основата – од нашите училишта. Ваквите проекти не само што значат технолошки напредок, туку се и алатка за воспитување на нови генерации со развиена енергетска свест“, изјави министерката Сања Божиновска, додавајќи дека секоја институција и поединец има улога во одржливото управување со енергијата.
Директорите на четирите училишта о поздравија проектот и нагласија дека решението не е само техничка иновација, туку и образовна можност.
Од Министерството најавуваат дека ова е прв чекор кон пошироко воведување на енергетски ефикасни технологии во јавните институции, при што ќе се поттикнува соработка со приватниот сектор.
