Руско-украински конфликт

Нови руски напади во Украина

27.05.2025 14:30

За три дена, Русија ја нападна Украина со илјада ракети и дронови. Зеленски гневен – вели, Путин не сака да ја заврши војната, ниту размислува за мир преку дипломатија. Трамп го губи трпението, НАТО ќе ја продолжи поддршката за Киев да може да се одбрани. Обединетите нации со апел да запре крвопролевањето...

Руските сили ја нападнаа Украина со речиси илјада ракети и дронови во последните три дена. Изминатата ноќ регистрирани повредени на југот и југоистокот. И Москва обвинува за пресретнати околу 100 беспилотни летала во седум региони. Зеленски со став, Русија ја пролонгира војната.

„Од информациите добиени од разузнавачките служби и од податоците од отворени извори можеме да видиме дека Путин и неговата придружба не планираат да ја завршат војната. Во моментов нема индиции дека сериозно размислуваат за мир или дипломатија. Напротив, постојат многу докази дека подготвуваат нови офанзивни операции. Русија смета на продолжена војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од руското МНР велат дека работат на нацрт-меморандумот за постигнување мировен договор со Украина кој ќе му биде предаден на Киев штом биде подготвен.

„Русија продолжува да развива нацрт-меморандум за иден мировен договор со дефинирање на голем број позиции, како што се принципите на решавање, временската рамка за евентуален мировен договор, потенцијален прекин на огнот за одреден временски период во случај, нагласувам, да се постигнат соодветни договори. Очекуваме дека украинската страна ја врши истата работа и ќе ни ги испрати своите развојни информации истовремено со приемот на рускиот документ“, изјави Марија Захарова, портпаролка на МНР на Русија.

Кај западните сојузници згаснува надежта за ставање крај на тригодишната војна. Германскиот канцелар вели дека војната ќе потрае затоа што Русија одбива да почне преговори. Мерц претходно објави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.

„Ова покажува дека Путин и Русија очигледно немаат интерес да постигнат прекин на огнот, па дури ни мировен договор. Како последица на тоа, Украина мора да се брани и ние мора да ги зајакнеме нашите напори уште повеќе“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Европската унија го откри планот за програма од 150 милијарди евра за зголемување на трошоците за одбрана. Во конечната уредба се наведува дека заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија се од особена итност и важност и мора брзо да се реагира.

 

Маријана Димовска