Македонија

Стојанче Ангелов од денеска е прв човек на Дирекцијата за заштита и спасување

27.05.2025 16:52

Стојанче Ангелов од денеска е нов в.д. Директор на дирекцијата за заштита и спасување. Во договор со премиерот Мицкоски, тој е разрешен од позицијата директор на ЦУК, а на неговото место е именуван Мухамед Аљи. Ангелов ќе работи на спојување на двете институции, за воспоставување современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, што ќе има капацитет да одговори на сите предизвици и ризици...

Стојанче Ангелов замина од ЦУК и застана на чело на Дирекцијата за заштита и спасување. На негово место во Центар е поставен Мухамед Аљи. Свесен дека е соочен со многу предизвици – недостиг од пилоти, проблеми со сервисирањето на ЕР-тракторите, немањето договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со оние за гаснење пожар на отворено. Идејата е ЦУК и ДЗС да се спојат во еден интегриран систем за справување со кризи, за заштита и спасување.

Ангелов посочи дека смената на раководството доаѓа во период на агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ЕР тракторите.

Проблем не се само договорите, на тимовите им недостигаат опрема, обука, физичка подготвеност.

Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостигаат сериозен број соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување. Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин.

Александра Спировска