Почна сослушувањето на претставници на семејствата на жртви во „Пулс“
Во обвинителствата во Кочани, Штип и Скопје почнаа сослушувањата на законските застапници на жртвите во пожарот во „Пулс“. Семејствата добиваат можност да се приклучат на кривичниот прогон и да бараат отштета…

Почна сослушувањето на претставници на семејствата на 62-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Сослушувањето на законските застапници на сите жртви во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ почнаа денеска и се одвиваат со предвидената динамика, во обвинителствата во Кочани, Штип и во Скопје, согласно со распоредот кој беше утврден директно со семејствата на жртвите во соработка со организацијата - Поддршка за Кочани“, соопштија од Обвинителството.
Обвинителите земаат искази во најблиското обвинителство или во нивните домови. Семејствата поединечно ќе бидат информирани и за текот на истрагата. Јавното обвинителство од исказите на семејствата или нивните застапници ќе констатира дали се приклучуваат кон кривичниот прогон на обвинетите за остварување на своите права како оштетени.
Сè уште активен е повикот на Обвинителството до сите коишто имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на дискотеката „пулс“ и поврзаните фирми да ги споделат со истрагата, лично или преку електронска пошта.
Ирина Гелевска
