Москва продолжува да таргетира цели во Украина
Додека светот се надева на мир, Путин планира нови напади. Зеленски тврди дека последниот бараж е почеток на нови офанзивни операции...

По жестоките руски удари во изминатите три дена, Москва продолжува да таргетира цели во Украина. Соборивме десетици украински дронови на руско тло – возвраќа Русија. И двете страни со обвинувања за тоа кој сака, а кој не, крај на конфликтот. Киев тврди-Путин ја пролонгира војната.
„Путин и неговата придружба не планираат да ја завршат војната. Во моментов нема индиции дека сериозно размислуваат за мир или дипломатија. Напротив, постојат многу докази дека подготвуваат нови офанзивни операции. Русија смета на продолжена војна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ со став-зголемените украински удари врз Русија не придонесуваат за мирот. Москва работи на нацрт-меморандумот за постигнување мировен договор и ќе му го предаде на Киев штом биде готов. И додека Трамп станува се пофрустриран, критикува и размислува за санкции, Лавров вели-основата на неговите критики лежи во недостиг од резултати, за кои рускиот дипломат, го обвини Западот.
„Трамп е човек кој сака резултати. А сега гледа како неговите напори за унапредување на договорот, за кој се договорија со Путин, ја саботираат група европски претставници туркајќи ја Украина кон целосно неодговорни дејствија-напади врз Москва, врз хеликоптерот на рускиот претседател. Клучната идеја не е да се обрне внимание на реториката, туку да се осигура дека Европа ќе престане да ги саботира мировните напори околу украинскиот конфликт, кој е поддржан и од САД и од Турција, и на кој Русија е целосно посветена“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Турција е подготвена да биде домаќин на уште една рунда мировни преговори-изјави турскиот шеф на дипломатијата.
„Се надеваме дека преговорите брзо ќе доведат до прекин на огнот, по што ќе следува траен мир. Ни сме секогаш подготвени да бидеме домаќини. Ова го гледаме како должност, не само за нашиот регион, туку и за глобалниот мир“, изјави Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Турција.
Кај западните сојузници надежта згаснува. Германскиот канцелар вели дека војната ќе потрае затоа што Русија одбива да почне преговори. Мерц претходно објави дека Берлин ги укина ограничувањата на Украина за употреба на оружје со долг дострел.
„Ова покажува дека Путин и Русија очигледно немаат интерес да постигнат прекин на огнот, па дури ни мировен договор. Како последица на тоа, Украина мора да се брани и ние мора да ги зајакнеме нашите напори уште повеќе“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Европската Унија го откри планот за програма од 150 милијарди евра за зголемување на трошоците за одбрана. Во конечната уредба се наведува дека заканите што ги претставуваат Русија и Белорусија се од особена итност и важност и мора брзо да се реагира.
Бојана Крстевски
