Разбиена криминалната група „Беланоца-Барон“
Убиства, трговија со дрога, закани и пожари, координирани од затвор. Разбиени се криминалните групи „Беланоца“ и онаа предводена од Раде Трајковски-Штекли, соопшти Обвинителството. Поднесени се две обвиненија, со кои се опфатени деветмина. Дел од лицата сè уште се во бегство …

Разбиени криминалните мрежи кои ја пустошеја Македонија, обелодени Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Оттаму појаснуваат дека станува збор за две групи, едната „Беланоца“ и другата група поврзана со Раде Трајковски-Штекли која роварела низ Скопје и пошироко. Од Обвинителството велат дека се поднесени две обвиненија за повеќе кривични дела, меѓу кои и убиства. Обвиненија има против девет лица, шестмина се во бегство.
„Најстарото убиство е од 2014 година. Првата група нарачува и извршува со логистика четири убиства, од кои едното е двојно убиство. Мотивите се различни. Познати се убиствата во „Шиша бар“ и убиството во Ханиоти“, велат од ОЈО-ГОКК.
Втората криминална група има три убиства, едно двојно, а тројца осомничени се во бегство. Еден е преживеан и ги препознава и посочува овие двајца, велат од ОЈО-ГОКК.
„Од затворска установа биле координирани и правени. Се правеле планови како да се лиши од слобода и тој што преживеал, за да нема кривична постапка“, се наведува во соопштението на ОЈО-ГОКК.
Криминалните групи често планирале сериозни кривични дела, додаваат од Обвинителството, а истражителскиот тим се раководел од изнудите за да дојде до сите други кривични дела.
Од Обвинителството брифираат дека станувало збор за исклучително сериозна структура на криминалци кои се гонат за изнуди, закани, злосторничко здружување, но и тешки дела како палење на објекти.
Групата на Штекли броела 17 членови, се занимавала за продажба на дрога која ја криела и во бункери направени на државно земјиште. Седуммина досега признале вина и се спогодиле со Обвинителството. Трајковски беше приведен на 18 јануари годинава. Тој бил уапсен во близина на хотел во Гевгелија, при обид за бегство.
Борис Грујоски
