Газа

Испорака на хуманитарна помош во Газа

28.05.2025 09:36

По тримесечна блокада, во Газа пристигна хуманитарна помош. Главен приоритет помошта да стигне до цивилното население. Израелскиот премиер вети дека ќе бидат поставени повеќе точки за достава на хуманитарни пакети.

Ориз, брашно, конзервиран грав, тестенини, масло, бисквити и шеќер, пакети со храна пристигнаа во Газа по тримесечна блокадата. Дистрибуцијата се одвива преку Фондацијата Газа, со поддршка од САД и Израел, но Обединетите нации велат дека ова го одвлекува вниманието од клучниот проблем – затворените гранични премини. Според Стејт департментот, приоритет број еден е помошта да стигне до цивилното население, без разлика кој ја доставува. САД го обвинија Хамас за обидот да ги спречи конвоите да стигнат до дистрибутивните центри, милитантната група негираше.

„Факт е дека Хамас се спротивстави на оваа динамика. Тие се обидоа да го спречат движењето на помошта низ Газа до дистрибутивните центри. Не успеаја, но секако се обидоа. Суштината е дека помошта се движи и во таква средина не е изненадувачки што може да има неколку проблеми“, изјави Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот.

Израелскиот премиер вети дека ќе бидат поставени повеќе точки за достава на хуманитарни пакети.

„Разработивме план со нашите американски пријатели за контролирани дистрибутивни места, каде што американска компанија би ја дистрибуирала храната до палестинските семејства. Тоа не е камион со вреќи со цвеќе. Тоа е пакет храна за едно семејство за една недела. Доаѓате и ја земате. Многу е тешко за Хамас да ја украде, особено затоа што ние ги чуваме овие позиции“, изјави Бенјамин Нетанјаху, израелски премиер.

Палестинците вчера го преплавија центарот за дистрибуција, пробивајќи ги оградите. Израел соопшти дека војниците истрелале предупредувачки куршуми.

„Ни донесоа шеќер и масло и ни донесоа брашно. Нашите деца копнееја по леб. Јадевме леќа, тестенини“, изјави жител.

„Не ни е гајле за пукање или гранатирање. Она што е важно е да им донесеме храна на нашите деца“, рече друг.

„Немаше ред, луѓето брзаа, ние не успеавме да земеме ништо. Имаше пукање и ние избегавме. Воопшто немаше ред, не можеа да ги контролираат луѓето поради обемот на гладот што го погодува општеството“, додаде друг жител.

Нападите на северот од енклавата продолжија. На 600 дена од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, поранешни заложници побараа итно ослободување на преостанатите заробеници.

 

Маријана Димовска