Палестинците во Газа добија пакети со храна
По три месеци, Палестинците во Газа добија пакети со храна. Според Стејт департментот, приоритет број еден е помошта да стигне до цивилното население. и покрај предизвиците на терен, израелскиот премиер вети дека ќе бидат поставени повеќе точки за достава на хуманитарни пакети. Нападите на северот од енклавата продолжија...

Пакети со храна пристигнаа во опустошената палестинска енклава по тримесечна блокада. Хаос на пунктовите поставени од Фондацијата Газа, со поддршка од САД и Израел. Вчера толпа луѓе ги проби бариерите, ситуацијата ескалираше откако израелските војници отворија предупредувачки оган. Регистрирани жртви и десетици ранети.
„Ни донесоа шеќер и масло и ни донесоа брашно. Нашите деца копнееја по леб. Јадевме леќа, тестенини“, рече жител.
„Не ни е гајле за пукање или гранатирање. Она што е важно е да им донесеме храна на нашите деца“, додаде друг.
„Немаше ред, луѓето брзаа, ние не успеавме да земеме ништо. Имаше пукање и ние избегавме. Воопшто немаше ред, не можеа да ги контролираат луѓето поради обемот на гладот што го погодува општеството“, изјави друг жител.
Организациите на ООН велат дека се одвлекува вниманието од клучниот проблем – затворените гранични премини. Од УНРВА посочуваат моделот за дистрибуција не е според хуманитарните принципи.
„Кризата во Газа не може да се реши со користење на хуманитарната помош како оружје за спроведување политички и воен притисок. Моделот на дистрибуција на помош предложен од Израел не е во согласност со основните хуманитарни принципи“, изјави Филип Лазарини, генерален комсеар на агенцијата ООН за палестински бегалци, УНРВА.
Според Стејт департментот, приоритет број еден е помошта да стигне до цивилите, без разлика кој ја доставува. САД го обвинија Хамас дека се обидел да ги спречи конвоите да стигнат до дистрибутивните центри, милитантната група негираше.
„Факт е дека Хамас се спротивстави на оваа динамика. Тие се обидоа да го спречат движењето на помошта низ Газа до дистрибутивните центри. Не успеаја, но секако се обидоа. Суштината е дека помошта се движи и во таква средина не е изненадувачки што може да има неколку проблеми“, изјави Тами Брус, портпаролка на Стејт департментот
Израелскиот премиер вети дека ќе бидат поставени повеќе точки за достава на хуманитарни пакети.
„Разработивме план со нашите американски пријатели за контролирани дистрибутивни места, каде што американска компанија би ја дистрибуирала храната до палестинските семејства“, изјави Бенјамин Нетанјаху, израелски премиер
Нападите на северот од енклавата продолжија. На 600 дена од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, поранешни заложници побараа итно ослободување на преостанатите заробеници.
Маријана Димовска
