Се зголемува понудата на деловен простор во Скопје
Газдите нудат под закуп во Скопје безмалку 300 илјади квадратни метри деловен простор. Лани интересот на закупувачите бил намален за една петина...

Се зголемува понудата на атрактивен деловен простор во централното градско подрачје. Државното акционерско друштво понуди 3.250 квадратни метри во новата катна гаража „Разловечко востание“ лоцирана спроти Градскиот трговски центар.
Менаџментот е убеден дека ќе има интерес за закуп кај фирмите затоа што цената ќе биде пониска за петина во однос на приватните инвеститори. Иако не ја кажува цената, директорот Грозданов смета дека нема да имаат проблем со издавање,но отворена е и опцијата за продажба, а една од банките веќе пројавила интерес.
„Не би можел да споредувам со Соравија и ГТЦ, но ние ќе бидеме за 20% пониски од таа цена. Ќе има голем интерес за овој деловен простор затоа што е новоизграден и ги исполнува сите стандарди“, вели директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор на РМ, Цветко Грозданов.
Анализата на агенцијата Фортон покажува дека опаѓа интересот за закупување на слободните деловни простори во метрополата. Со завршување на неколку поголеми објекти, понудата лани беше зголемена за 6.634 нови квадрати, но опадна интересот за закуп кај компаниите.
„Вкупната стапка на празен незакупен простор е зголемена за 21% во второто полугодие лани, а вкупниот закупен простор е намален за 82%“, велат од Фортон.
Јавните огласи покажуваат дека солиден деловен простор може да се закупи за 5 до 10 евра за квадрат, но цената варира во зависност од локацијата, катноста и опременоста на објектот.
Понудата во центрот на градот се зголемува. Веќе се нудат нови 2.000 квадрати од идниот хотел Мериот лоциран на самиот плоштад. Деловниот простор е на најатрактивна локација, а инвеститорите се убедени дека нема да имаат проблем со издавањето.
Државното АД за стопанисување со станбен и деловен простор, најави дека набрзо на потенцијалните закупувачи ќе им го понуди и деловниот простор под источната трибина на Арената Филип Втори.
Тој е сега затворен и со фасада, а киријата ќе биде намалена во однос на порано, затоа што инвеститорот го презеде комплетното завршување на објектот.
Свето Николовски
