Киев и Москва со извештаи за меѓусебни напади со стотици дронови
Разгорени борби во Украина наспроти напорите за мир. Киев и Москва со извештаи за меѓусебни напади со стотици дронови. Русија не отстапува од сопствените национални интереси-децидни од Кремљ...

Разгорени борби во Украина наспроти напорите за мир. Киев и Москва со извештаи за меѓусебни напади со стотици дронови. Русија не отстапува од сопствените национални интереси-децидни од Кремљ. Забрана за проширување на НАТО кон исток и укинување на санкциите кон Русија-клучни барања на Путин за ставање крај на војната. Нова рунда преговори наскоро ќе биде објавена, велат од Москва, но во рамките на какво било решение важно е Украина да остане без нуклеарно оружје.
„Прогласувањето на неутрален, неврзан и ненуклеарен статус овозможи Украина да биде признаена како независна држава и од Руската Федерација и од сите членови на меѓународната заедница. Враќајќи се на оваа заклетва, која нацистичкиот режим се обиде да ја прекрши, па дури и ја внесе во уставот, е едно од клучните барања на Русија што мора да се исполни во рамките на секое решение“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Во услови на ескалирачки руски удари, Зеленски во посета на Берлин. Претходно повика на трилатерална средба со Трамп и Путин за унапредување на мирот, но и на поголем притисок од Вашингтон врз Москва.
„Не можеме јавно да разговараме за сите постоечки планови и можности. Но, стратешката перспектива е јасна, да одговориме симетрично на сите руски закани и предизвици. Русија, мора јасно да ги почувствуваат последиците од она што го прават против Украина“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Германија веќе ги укина ограничувањата на Киев за употреба на оружје со долг дострел. Сега соопштија – ќе помогнат во финансирањето за производство на овие системи. Потпишани договори со Киев за инвестиции во одбранбениот сектор. Алармирани од руската инвазија на Украина и стравувајќи дека би можеле да бидат следната цел на Москва, земјите од ЕУ веќе ги зголемија трошоците за одбрана. Европските министри го одобрија и создавањето фонд за одбрана вреден 150 милијарди евра.
Боајан Крстевски
