Трамп му даде рок од две недели на Путин за мир во Украина
Американскиот претседател Трамп разочаран од рускиот колега Путин. Постави рок од две недели за мир во Украина. Најави поинаков одговор, доколку Москва продолжи да го одложува мировниот процес. Во меѓувреме, Русија предложи преговори на 2-ри јуни во Истанбул. Украина потврди подготвеност за дијалог. На фронтот борбите не запираат …

Ситуацијата на украинскиот фронт е непроменета, но дипломатијата се чини придвижена. Русија предложи преговори на 2-ри јуни во Истанбул. Украина потврди подготвеност за дијалог.
„Зошто да се чека до понеделник? Ако Русите конечно го разработиле својот „меморандум“ – по десет дена размислувања и напади – тој може веднаш да ни биде доставен. Очекуваме дека руската страна нема да го попречи следниот состанок и веднаш ќе ги достави своите предлози за наше разгледување, како што беше претходно договорено“, напиша украинскиот шеф на дипломатијата, Андриј Сибиха.
Москва соопшти дека меморандумот со утврдените руски позиции за надминување на основните причини за кризата во Украина е подготвен и ќе биде презентиран на втората рунда преговори. Трамп и натаму несигурен во намерите на Путин. Доколку открие несериозност, ќе го промени курсот.
„Ќе дознаеме многу наскоро. Ќе откриеме дали тој нè завлекува или не. И ако е така, ќе одговориме малку поинаку“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Ескалирачка ситуација на фронтот во момент на најавите од Берлин за украинска соработка за производство на ракети со долг дострел. Русија предупреди-можна е одмазда ако германски персонал учествува во нивно лансирање врз руско тло.
„Директната вмешаност во војната во Украина е веќе јасна. Германија оди кон колапс исто како што беше неколку пати во минатиот век. Се надевам дека одговорните политичари во оваа земја ќе донесат правилен заклучок и ќе го спречат лудилото“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Истовремено Германија објави дека ќе ѝ даде дополнителна воена поддршка за Украина во износ од приближно пет милијарди евра.
Бојана Крстевски
