ЈП Водовод и канализација

Делови од Скопје во сабота ќе останат без вода, акцијата се очекува да заврши за помалку од 15 часа

29.05.2025 10:33

Причина за прекинот е приклучувањето на нов магистрален водоводен цевковод, што е дел од поголем проект за унапредување на водоснабдителниот систем во главниот град...

Во сабота, на 31 мај, неколку скопски населби ќе се соочат со делумен прекин на водоснабдувањето, информира ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје. Причина за прекинот е приклучувањето на нов магистрален водоводен цевковод, што е дел од поголем проект за унапредување на водоснабдителниот систем во главниот град.

Без вода, од раните утрински часови, ќе бидат Визбегово, бул. „Босна и Херцеговина“, Чаир, Топанско Поле, Автокоманда, високата зона на Железара и дел од Бутел 1.

„Работите ќе започнат точно на полноќ и се очекува да завршат во рок од 15 часа. Се работи за комплексна интервенција, која вклучува инсталација на игличест регулационен вентил и поврзување на два главни магистрални цевководи во Скопје“, соопштија од претпријатието.

Со реализацијата на овој проект, се предвидува значително подобрување на притисокот на водата, намалување на загубите и обезбедување поквалитетно водоснабдување за жителите. Новата врска ќе овозможи создавање на циркуларен прстен кој ќе ја зголеми сигурноста на мрежата.

ЈП „Водовод и Канализација“ апелира до граѓаните за разбирање и најавува дека сите активности ќе бидат изведени во најкус можен рок, со цел што побрзо нормализирање на водоснабдувањето.