Историски исчекор во државното здравство – вградени првите пенилни протези на Клиника за урологија
Клиниката за урологија направи чекор напред за македонското здравство. За првпат беа извршени три успешни операции на вградување пенилни протези. Oперативните зафати се целосно покриени од Фондот.

Клиниката за урологија испиша ново поглавје во македонското здравство. Кај тројца пациенти на возраст од 45 до 59 години се направени операции за вградување на првите пенилни протези. Двајца од нив, претходно биле оперирани од рак на простата, додека третиот страда од пејрониевата болест.
Протезната хирургија е врвот во реконструктивната урологија, велат лекарите.
Имплантираната протеза може да почне да се користи шест недели по операцијата, а нејзиниот век на траење зависи од самата протеза, но и од начинот на однесување на пациентот, објаснуваат лекарите.
„Успеавме да спроведеме нешто многу важно за македонските граѓани. Да си ја вратат самодовербата пациентите што ја изгубиле можноста за ретроактивна функција. Овие протези со најсовремена технологија, го овозможуваат лекувањето на пациентите со враќање на функционалноста. “, изјави д-р Марчел Рад – уролог од Медицинскиот факултет во Романија.
Оваа година клиниката започна и со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер. И двете интервенции ги покрива Фондот.
Клиниката за урологија предвидува годишна потреба од 15 пенилни протези. Досега, ваквите пациенти се препраќаа во странство или на приватни клиники, а, на Фондот му се наплаќаше неколкукратно повисока цена.
Од Клиниката за урологија уверуваат дека сите интервенции ќе може да се изведуваат на самата клиника и повеќе нема да има потреба пациентите да се испраќаат надвор од државата.
Ана Јосифовска
