Русија предложи втора рунда директни преговори со Украина во Истанбул в понеделник
Дипломатска игра на нерви за војната во Украина. Русија изготви меморандум со нејзини услови за окончување на конфликтот. Го повика Киев в понеделник на директни разговори во Истанбул. Трамп, пак, го предупреди Путин дека игра опасна игра со одолговлекувањето на преговорите. Украина и Германија потпишаа договор за соработка, за инвестирање во украинските фабрики за оружје со долг дострел...

Ситуацијата на украинскиот фронт е непроменета, но дипломатијата се чини придвижена. Русија предложи преговори на 2-ри јуни во Истанбул. Украина потврди подготвеност за дијалог.
„Зошто да се чека до понеделник? Ако Русите конечно го разработиле својот „меморандум“ – по десет дена размислувања и напади – тој може веднаш да ни биде доставен. Очекуваме дека руската страна нема да го попречи следниот состанок и веднаш ќе ги достави своите предлози за наше разгледување, како што беше претходно договорено“, напиша украинскиот шеф на дипломатијата Андриј Сибиха.
Москва соопшти дека меморандумот со утврдените руски позиции за надминување на основните причини за кризата во Украина е подготвен и ќе биде презентиран на втората рунда преговори. Трамп и натаму несигурен во намерите на Путин. Доколку открие несериозност, ќе го промени курсот.
„Ќе дознаеме многу наскоро. Ќе откриеме дали тој нè завлекува или не. И ако е така, ќе одговориме малку поинаку“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Ескалирачка ситуација на фронтот во момент на најавите од Берлин за дополнителна воена помош од околу 5 милијарди евра за Украина и заедничка соработка за производство на ракети со долг дострел. Русија предупреди-можна е одмазда.
„Директната вмешаност во војната во Украина е веќе јасна. Германија оди кон колапс исто како што беше неколку пати во минатиот век. Се надевам дека одговорните политичари во оваа земја ќе донесат правилен заклучок и ќе го спречат лудилото“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Шефицата на европската дипломатија, пак, предупреди на засиленото руско милитаризирање на Црно Море. Објави европски одговор со нова стратегија за спротивставување на руските закани, јакнење на одбранбената инфраструктура и продлабочување на соработката со партнерите, вклучувајќи ја Украина.
„Оваа стратегија вклучува клучни точки како воената мобилност, сопственоста на пристаништата – бидејќи е важно да се знае кој ја контролира критичната инфраструктура и заштитата на подводните кабли. Дополнително, треба да се фокусираме на патролирање на клучните поморски линии и справување со хибридните закани во регионот, кои се исто така, критични за безбедноста на Украина“, изјави Каја Калас, министерка за надворешни работи на ЕУ.
Во истовреме руските власти потврдија дека во експлозија во Ставропол загинал Заур Гурциев, заменик-градоначалник, кој учествувал во војната на Русија против Украина и ја предводел операцијата за заземање на Мариупол.
Бојана Крстевски
