Хамас постигнал договор со американскиот специјален претставник, Виткоф, за прекин на огнот со Израел
Хамас постигнал договор со американскиот специјален претставник, Виткоф, за прекин на огнот со Израел. Групата чека конечен одговор. Силите на Тел Авив ја продолжуваат офанзивата, хуманитарната ситуација во газа и натаму тешка...

Расте загриженоста меѓу раселените во Газа дека крајот на конфликтот не е ниту на повидок. Силите на Тел Авив продолжуваат со офанзивата против милитантните групи во регионот на Блискиот Исток. Пакети со храна пристигнаа по тримесечна блокада, преку Фондацијата Газа, со поддршка од САД и Израел, но Палестинците велат најважно е војната да запре.
„600 дена од војната се чинат како 600 години или дури 6.000 години страдање, бездомништво, загуба, лишување. Во тие 600 дена, ги загубивме нашите деца, баби и дедовци, нашите семејства“, изјави раселена од Рафах.
„600 дена мачење. 600 дена болка, пораз, солзи. Го молиме светот и оние што имаат моќ да поддржат и помогнат во запирање на ова мачење“, изајви Раселен од Кан Јунис.
Во Тел Авив протест за враќање на заложниците кои 600 дена се во заробеништво.
„600 дена живееме, дишеме и сонуваме со вас“, изјави мајка на заложник.
„Го повикуваме претседателот Трамп да изврши притисок врз Нетанјаху и Хамас. Ни треба договор што би го довел до ослободување на последниот заложник, последниот од 58-те заложници што сега се во заробеништво“, изјави татко на заложник.
Хамас потврди дека постигнале договор со американскиот специјален претставник Виткоф, за прелиминарен договор за прекин на огнот со Израел и дека чекаат конечен одговор.
„Имам многу добри чувства во врска со постигнувањето долгорочно решение, привремено прекинување на огнот, и долгорочно решение и мирно решавање на тој конфликт“, изјави Стив Виткоф, специјален претставник на САД.
Израелските власти уште еднаш потврдија дека го убиле лидерот на Хамас, Мохамед Синвар и дека успешно им ја одземаат контролата на терористите врз дистрибуцијата на храна во Појасот. Најавија изградба на 22 нови еврејски населби на окупираниот Западен Брег.
Маријана Димовска
