Здравство

Омилената докторка на повредените во Кочани останува во кочанската болница

29.05.2025 13:59

Министерството за здравство нема да ја прераспредели докторката Катерина Паниќ која се грижи за повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, иако екс-министерот Таравари потпишал одлука, таа да се премести во ГОБ„8 Септември“. Преживеаните во пожарот, бараат докторката да остане да се грижи за нив…

Повредените во пожарот во Кочани со загриженост ја примија информацијата дека нивната докторка Катерина Паниќ заминува од кочанската болница. Велат дека таа во целиот период на опоравување била нивна главна докторка,но и силна поддршка и стравуваат дека никој нема да може да ја замени.

Решението за прераспределување од кочанската болница во Клиниката „8 Септември“ докторката Паниќ го добила во јануари, но заради актуелната состојба заменик министерот за здравство вели дека решението е времено стопирано

Директорката на болницата во Кочани уверува дека пациентите не треба да се грижат, обучен кадар со сертификат за лекување на пациенти со изгореници има доволно и од кочанската, но и од болницата од Штип, Клиниката за пластична хирургија и болницата „Свети Наум Охридски“ од Скопје.

Од кочанската болница велат дека состојбата на повредените се подобрува. Се намалува бројот на пациенти на кои секојдневно им се вршат преврски, но се зголемува бројот на пациенти на одделот за физикална терапија.

Славица Величковска