Дипломатски напори за крај на војната во Украина
Русија за в понеделник предложи нови преговори во Истанбул за прекин на огнот. Подготвува „меморандум“ со барањата на Кремљ, но сè уште не е подготвена за разговори на највисоко ниво. Киев очекува претходно да добие документ...

Русија ја одолговлекува војната и прави се за да ги измами земјите кои сè уште се обидуваат да влијаат со зборови, а не со притисок, вели украинскиот претседател по предлогот на Москва за нов состанок во Истанбул во понеделник.
„Дури и таканаречениот меморандум што го ветија и поминаа повеќе од една недела, не е споделен. Украина не го доби. Нашите партнери не го добија. Дури ни Турција – земјата домаќин на првиот состанок – не ја доби новата агенда. Уште една руска измама. Тие прават се за да ги направат состаноците бесмислени. И ова е уште една причина зошто се потребни посилни санкции и поголем притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Составот на руската делегација на новите разговори во Турција на 2 јуни, ќе биде ист како и на првата средба на 16 Мај, потврди руското МНР.
„Барањето да го предадеме меморандумот веднаш е неконструктивно. Се што е потребно во моментов е или да се потврди подготвеноста за продолжување на преговорите или да се направи спротивното“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ
Белата куќа изрази надеж дека завојуваните страни ќе седнат на преговарачка маса.
„Се надеваме дека Русија и Украина ќе се вклучат во директни разговори и преговори следната недела во Истанбул, и веруваме дека таа средба ќе се одржи. И тоа е средба што претседателот ја охрабри и повика страните директно да преговараат“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Францускиот претседател вели дека европските земји веќе ја покажаа посветеноста на Украина, а конфликтот сега е тест за кредибилитетот на Американците.
„Ние сме подготвени, заедно, да ги изградиме елементите на робустен и траен мир преку обезбедување на елементите на безбедносна гаранција за Украина, за создавање ситуација што е одржлива на терен“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
За војната во Украина и влијанието врз децата и цивилите, дебата и во Советот за безбедност на ООН. Во изминатите 24 часа, нови напади на фронтот. Во Харков, Одеса и Запорожје има загинати и повредени, соопштија украинските власти.
Маријана Димовска
