Украина

Тактизирања пред состанокот во Истанбул за Украина

30.05.2025 14:15

Русија на 2-ри јуни во Истанбул патува во ист состав како и на претходниот состанок. Украина ја прифаќа фрлената ракавица, иако Зеленски обвини дека Путин ја одолговлекува војната. САД бараат двете страни да седнат на преговарачка маса, Франција предупреди – на тест ставен и кредибилитетот на Американците.

В понеделник нова рунда разговори меѓу Киев и Москва во Истанбул. Украина е посветена на мирно решавање на војната и го прифати предлогот на САД за прекин на огнот, топката е во дворот на Русија, велат од украинското МНР. Украинците го бараат меморандумот што беше ветен од руска страна за да можат делегациите да разговараат за понудените позиции.

„Сакаме да ја завршиме оваа војна оваа година и сме заинтересирани за воспоставување прекин на огнот – без разлика дали е 30, 50 или 100 дена. Украина е подготвена отворено да разговара за ова директно со Русија.“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.

Специјалниот пратеник на САД, Келог вели дека агендата за мировните преговори ќе вклучува обид за спојување на два меморандуми подготвени од Украина и Русија во еден единствен документ. Белата куќа изрази надеж дека завојуваните страни ќе седнат на преговарачка маса.

„Се надеваме дека Русија и Украина ќе се вклучат во директни разговори и преговори следната недела во Истанбул, и веруваме дека таа средба ќе се одржи. И тоа е средба што претседателот ја охрабри и повика страните директно да преговараат“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Францускиот претседател вели дека европските земји веќе ја покажаа посветеноста на Украина, а конфликтот сега е тест за кредибилитетот на Американците.

„Ние сме подготвени, заедно, да ги изградиме елементите на робустен и траен мир преку обезбедување на елементите на безбедносна гаранција за Украина, за создавање ситуација што е одржлива на терен“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Русија ја одолговлекува војната и прави се за да ги измами земјите кои сè уште се обидуваат да влијаат со зборови, а не со притисок, став на украинскиот претседател. За војната во Украина и влијанието врз децата и цивилите, дебата и во Советот за безбедност на ООН. Во изминатите 24 часа, нови напади на фронтот. Во Харков, Одеса и Запорожје има загинати и повредени, соопштија украинските власти.

 

Маријана Димовска