Нова рунда преговори Киев-Москва во понеделник
Русија на 2-ри јуни во Истанбул патува во ист состав како и на претходниот состанок. Украина ја прифаќа фрлената ракавица, иако Зеленски обвини дека Путин ја одолговлекува војната. САД бараат двете страни да седнат на преговарачка маса, Франција предупреди – на тест ставен и кредибилитетот на Американците...

В понеделник нова рунда разговори меѓу Киев и Москва во Истанбул. Украина е посветена на мирно решавање на војната и го прифати предлогот на САД за прекин на огнот, топката е во дворот на Русија, велат од украинското МНР. Украинците го бараат меморандумот што беше ветен од руска страна за да можат делегациите да разговараат за понудените позиции.
„Сакаме да ја завршиме оваа војна оваа година и сме заинтересирани за воспоставување прекин на огнот – без разлика дали е 30, 50 или 100 дена. Украина е подготвена отворено да разговара за ова директно со Русија“, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Специјалниот пратеник на САД, Келог вели дека агендата за мировните преговори ќе вклучува обид за спојување на два меморандума подготвени од Украина и Русија во еден единствен документ. Од Кремњ децидни, за деталите ќе се разговара в понеделник.
„И двата нацрт-меморандуми, и рускиот и украинскиот, се надеваме, ќе бидат дискутирани на втората рунда преговори, за која руската делегација ќе биде подготвена во понеделник наутро во Истанбул“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Домаќинот на преговорите, Турција се надева дека техничките детали во голема мера ќе бидат завршени за време на претстојните разговори, отворајќи го патот за средба на лидерите на Русија и Украина.
„Веруваме дека сè додека страните останат на преговарачката маса, несомнено може да се постигне напредок. Во следната фаза, можеби би се одржал и состанок на лидерите, што би бил значаен чекор кон спроведување на долгорочен прекин на огнот“, изјави Хакан Фидан, министер за надворешни работи на Турција.
Францускиот претседател вели дека европските земји веќе ја покажаа посветеноста на Украина, а конфликтот сега е тест за кредибилитетот на Американците.
„Ние сме подготвени, заедно, да ги изградиме елементите на робустен и траен мир преку обезбедување на елементите на безбедносна гаранција за Украина, за создавање ситуација што е одржлива на терен“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
За војната во Украина и дебата и во Советот за безбедност на ООН. Во изминатите 24 часа, нови напади на фронтот. Во Харков, Одеса и Запорожје има загинати и повредени, соопштија украинските власти.
Маријана Димовска
