Бугарскиот парламент усвои нова резолуција за Македонија
Бугарскиот парламент со мнозинство донесе нова резолуција за Македонија – бара да се почитува договорот за добрососедство. Не се прифаќаат обиди за избегнување на преземените обврски. Земјава, пак, лобира во Брисел за европската резолуција...

Откако премиерот Мицкоски упати јавен повик до опозицијата за национално единство и заедничко лобирање со резолуцијата на Европскиот парламент за поддршка на македонскиот јазик и идентитет, Софија повлече потег. Бугарскиот парламент усвои резолуција со која ги повикува властите во Македонија да ги спроведат преземените обврски. За гласаа 194 гласови, немаше против и воздржани. Софија не прифаќа креативни решенија – во документот се нагласува дека се неприфатливи какви било обиди во рамки ЕУ за повторно преговарање или заобиколување на веќе постигнатите договори.
„Разговарав со Антонијо Кошта, со други колеги, со Менфред Вебер, со колегите од Европската народна партија. Ние имаме договор за добрососедство, т.н. француски предлог и инсистираме сите да го почитуваат договорот, провокациите не се во ничиј интерес“, изјави Бојко Борисов.
И додека Софија носи нови резолуции, Скопје лобира во Брисел за резолуцијата на Европскиот парламент за поддршка на македонскиот јазик и идентитет. Власта повторно повика да се дејствува со заеднички сили, лидерот на опозицијата Филипче потврди дека побарал поддршка од сестринските европски партии и добил позитивен одговор. Се надева дека ова не е само уште една црвена линија, туку дека ќе се откочи процесот за уставните измени.
Аналитичарите очекуваат отпор во Европскиот парламент за резолуцијата. Но, велат треба да имаме документ за она што ни се оспорува за да се заштитиме од нови барања.
Александра Велинова
