Обвинителство

Заврши истрагата за пожарот во Кочани

30.05.2025 14:29

Истрагата заврши, опфатени 46 осомничени во пожарот во дискотеката „Пулс“. Во Кочани доаѓаат специјалисти од Скопје, дел од повредените сакаат лекувањето да го продолжат во странство...

Заврши истрагата за трагедијата во Кочани. За тешки дела против општата сигурност се товарат четириесетишестмина. Соопштија од кочанското Обвинителство. Одбраната на осомничените ќе може да направи увид во доказите и да предложи свои по што ќе следува одлуката на Јавното обвинителство.

Во собирањето на доказниот материјали и документација од местото на несреќата и други места учествувале 13 обвинители од Кочани, Штип, Скопје и Куманово, голем број полициски службеници и истражители. Според обвинителството, обезбедени се детални обдукциски наоди за причините за смртта на настраданите и карактерот на повредите кај повредените, а изготвени се и градежно и хемиско вештачење за испитување на околностите во објектот, безбедносните стандарди и начинот на настанување и ширење на пожарот. За дел од документацијата на клубот било спроведено и графолошко вештачење.

„Во текот на истрагата се сослушани околу 400 сведоци и оштетени лица, а испитани се и осомничените. Од бројни електронски уреди (компјутери и мобилни телефони) се вршеше извлекување и анализа на податоци, кои се вкрстуваа со останатите информации добиени во текот на истрагата. Во однос на работата и функционирањето на клубот проверки по насока на јавен обвинител вршеше и управата за финансиска полиција“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Специјализирано одделение веќе води истрага против 14 полициски службеници, а доколку од доказите произлезат елементи на кривично дело и кај други лица, кои досега не се опфатени, ќе постапи согласно своите надлежности.

На 16 март за време на концерт на групата „ДНК“, изби пожар во дискотеката „Пулс“ при што животот го загубија 62 лица претежно млади, меѓу кои 6 деца.

 

Фиљана Кока