Се намалува бројот на првачиња, родителите се иселуваат, наталитетот опаѓа
Од година во година се намалува бројот на првачиња, се раѓаат се помалку бебиња, семејства се иселуваат. Во велешко годинава ќе има стотина првоодделенци помалку од лани. Локалните власти прават напори да го зголемат наталитетот. Уписот е во тек а во Велес родителите се судруваат со недостаток на офталмолог, од училиштата смируваат документот може да се достави до средината на август...

И оваа бројка од 556 првоодделенци од велешко не е конечна, бидејќи до почетокот на учебната 2025/26 година, први септември има три месеци и толку период и можности бројката дополнително да опадне. Клупите во училиштата се сè попразни, ученици нема, детскиот жагор е сè потивок. Во велешко во седумте основни училишта во општината, според податоците од МВР треба да се запишат 556 ученици, тоа е за 101 дете помалку од лани. На училиште оваа година тргнуваат децата родени во 2019, таа година се родиле 600 бебиња а за пет години досега, педесетина деца се помалку. Родителите, бабите, дедовците како причина за опаѓањето на бројот на првачиња, го посочуваат иселувањето на младите.
Дали со внатрешна миграција во Скопје или со иселување на родителите во некоја странска земја, бројот на ученици од година во година се намалува. Локалните власти преземаат чекори за сопирање на белата чума, одливот на млади од Македонија. Општина Велес за секое новороденче доделува материјална помош од три илјади денари.
Ако е некаква утеха лани во велешко се случи запирање на намалувањето на бројот на новороденчиња, па се родија ист број како и во 2023 година. Но државата треба да направи се да ги задржи нивните родители тука и за некоја година сите да бидат првоодделенци. Има општини каде бројот на ученици е стабилен и има мали осцилации. Таков е случајот во Општина Лозово, имаат современо училиште, меѓу најдобро опремените во централниот дел на Македонија, со смарт табли и интерактивен панел, современа библиотека.
При посетата на училиштето, децата од прво одделение беа на екскурзија во Струмица, бесплатна за нив, платена од локалната власт. Таа им плаќа и бесплатен оброк за сите до петто одделение, бесплатна е и градинката, се тоа е платено од општинскиот буџет. Таму се доделуваат по 10 илјади денари за секое новороденче. Во центарот на регионот на Азот, училиштето во Богомила, годинава нема да прими првоодделенец, нема дете на оваа возраст. Во велешко, заедно со Чашка и Градско есенва во прво треба да се запишат 630 ученици. Во овој месец се вршеа задолжителните систематски прегледи, вакцинација, прегледи кај стоматолог. Тие ќе продолжат и во наредниот период. Поради недостиг на офталмолог, не е почнат процесот во велешка болница.
Надлежните велат во одредени случаи е можно да се продолжи рокот за достава на потребните документи, како што е случајот со офталмолог. И во училишна превентива и стоматологија прегледите продолжуваат, бидејќи одредени родители, од оправдани причини не можеле да ги донесат децата на задолжителниот здравствен преглед.
Од годинава започнува стриктно почитување на реонизацијата, упис според местото на живеење. Сите ученици ќе се запишат по адреса на живеење без исклучок, освен во случаи кога во соодветниот реон ученикот не може да следи настава на мајчин јазик, или доколку постои документација со којашто ќе се утврди потреба од здравствено или психосоцијално образование. Со ова се очекува да се намали навалицата на родителите нивните деца да учат во ОУ Блаже Конески или Св. Кирил и Методиј.
Петар Печков
