Меѓународниот самит за безбедност во Сингапур
Светот забрзано се менува. Разнишаната глобална безбедност, економската неизвесност и одржување на стабилноста на меѓународната заедница претставуваат огромен проблем за денешнината. На меѓународниот самит за безбедност во Сингапур се бараат решенија за глобалните предизвици.

Светот треба да биде многу загрижен поради зајакнување на односите меѓу Русија и Кина, особено откако севернокорејските трупи се вклучија во војната против Украина, предупреди шефицата за надворешна политика на Европската унија Каја Калас на меѓународниот самит за безбедност во Сингапур. Додаде дека европската и азиската безбедност се меѓусебно поврзани и од нив зависи глобалната стабилност.
„Северна Кореја директно придонесува за нелегалната агресија врз Украина со војници, оружје и муниција. И Кина вели дека е неутрална, но нејзините експерти за двојна намена ја поттикнуваат војната. Кога Кина и Русија зборуваат за заедничко водење, промени какви што не сме виделе во последните 100 години и за ревизии на глобалниот безбедносен поредок, сите треба да бидеме исклучително загрижени“, истакна Каја Калас – шефица за надворешна политика на ЕУ.
Јапонскиот министер за одбрана Накатани истакна дека меѓународниот поредок заснован на правила забрзано се уништува. Се осврна на руската инвазија на Украина, како и зголемениот воен и економски притисок од Кина во регионот.
„Меѓународниот поредок базиран на правила брзо се празни. Руската инвазија на Украина е кршење на повелбата на обединетите нации, а конечната одлука на меѓународниот арбитражен трибунал во јужно кинеско море отворено се игнорира. Оваа ситуација се заканува да ја поткопа ефикасноста на меѓународното право, што е предуслов за мирна и стабилна меѓународна заедница“, изјави генерал Накатани – министер за одбрана на Јапонија.
Австралискиот министер за одбрана Марлес, пак, го поздрави обновениот интерес на САД за регионот, откако американскиот колега Хексег истакна дека идно-пацификот останува американски стратешки приоритет.
„Реалноста е дека не постои ефикасна рамнотежа на моќ во овој регион без сад. Но, ние не можеме да го оставиме тоа само на Вашингтон. Другите земји исто така мора да придонесат за оваа рамнотежа, а тоа ја вклучува и Австралија“, изјави Ричард Марлес, министер за одбрана на Австралија.
Марлес исто така потенцираше дека поделбата на Индо-пацификот на геостратешки и геоекономски блокови би го направила регионот не само посиромашен, туку и поранлив на конфликти. Повика на одржување на либералната трговија, потенцирајќи го шокот од нарушените трговски односи по воведените високи тарифи од САД кои, вели, делувале дестабилизирачки за регионот.
Маја Стојанова
