Украина

Луганск и Доњецк под жесток ракетен напад

14.08.2014 18:58

Бродот на бунтовниците во Доњецк тоне, прв го напушти капетанот. Воениот лидер на проруските сили Игор Стрелков си даде оставка. Не е повреден, потврди поранешниот премиер на самопрогласената Доњецка република, избегнувајќи да даде причина. На негово место доаѓа Владимир Кононов, познат под војничкото име Цар.

Додека конвојот руска хуманитарна помош патува на југ, украинските сили се потрудија да биде навистина неопходна – врз Доњецк и Луганск непрекинато паѓаат ракети ГРАД. Загинаа најмалку 24-ца жители.

„Доцна ноќта, другарот Порошенко не почести со ГРАД-ракета. Сестра ми преноќи овде со другарка, која беше повредена и сега е во болница, во сериозна состојба“. рече Владимир, жител на Доњецк.

„Син ми замина, сега сум кај ќерка ми. Не знам што потоа. Каде да бегам потоа? Ве молам, кажете ми“, рече Валентина Смирнова, жител на Доњецк.

Луганск е отсечен не само од околната територија под контрола на проруските борци, туку и од граничниот премин Изварине, низ кој требаше да помине рускиот хуманитарен конвој. И Киев праќа свој конвој од 71 камион за мирното население во Луганск.

„Клучното прашање е дали терористите во регионот ќе овозможат безбедна достава на товарот до цивилите што наводно ги бранат“, рече Ирина Герашенко од комитетот за евроинтеграции.

Гори војната и во сајбер просторот. На твитерот на рускиот премиер Медведев утрината осамна порака дека дава оставка и дека Крим е Украински, дело на хакерите што беше експресно отстрането. Удари не се штедеа ни во Радата во Киев – малку фалеше да биде нокаутиран лидерот на популистичката Радикална партија, кој обвини колега независен пратеник дека пуштил дебел стомак наместо да им помогне на украинските војници што се борат во Донбас. Од Јалта на Крим, рускиот претседател Путин порача – Москва ќе направи се за да заврши крвавиот хаос и братоубиствената војна во Украина.