Најмалку 30 загинати во напад врз пункт за хуманитарна помош во Газа
Хуманитарната катастрофа во Газа се продлабочува откако израелските сили ја обновија офанзивата. Најмалку 30 загинати во напад врз пункт за хуманитарна помош. Жителите и натаму се соочуваат со сериозен недостиг на храна. Меѓународните организации бараат гаранции за безбедна дистрибуција на хуманитарните пакети. Во Тел Авив масовни протести.

Десетци загинати и стотици ранети откако израелските сили отвориле оган во близина на центар за хуманитарна помош во Газа поддржан од САД. Во моментот на нападот со тенкови во близина на центарот се наоѓале илјадници жители на енклавата. Хуманитарната катастрофа се продлабочи откако израелските сили ја обновија офанзивата во Газа. Блокадата на помошта беше тргната во мината недела, но жителите и натаму се соочуваат со сериозен недостиг на храна. Од Обединетите нации алармираат дека жителите во Газа се борат и со енормно зголемената цена на брашното.
„Дојдов само да го видам брашното, бидејќи не можам да си дозволам да го купам. Треба да се најде решение да се вратиме на претходното. Порано делев брашно на други, сега немам ни за една векна леб. Најдете решение, слушнете го нашиот глас, ние умираме од глад“ – вели Махмуд Абу Свеид – Палестинец.
„Успеав да соберам малку пари со кои купив брашно. Секојдневно нашите оброци се леќа или тестенини од народните кујни. Се надевам дека ќе имам за три дена за моите деца, а понатаму пак ќе се потпираме на народните куни. Не знаеме што да правиме, постојано се молиме да заврши оваа војна“, рече Ангам ал Аф – Палестинец.
„Колку и да чини ова брашно, не можам да си го дозволам. Ова што се случува е неправда. Подобро е да не се внесува брашното, ако не оди директно преку унрва, нема да добиеме никаква помош“, вели Нумар ал Сафади – Палестинец.
Активисти од организациите за човекови права постојано се во обид да достават храна и основи средства за живот во газа. Последниот нивен обид е осуетен со беспилотно летало. Овојпат група со јахтата Мадлин патуваат кон енклавата.
„Оваа мисија е да се победи Голијат. Овој мал брод со 12 луѓе носи помагала, храна, бебешка храна, сите овие работи не се доволни за газа. Но, ние сме Давид, а Израел е Голијат“, изјави Лиам Канингем – актер.
„Едрилицата Медлин пренесува 12 активисти кои носат хуманитарна помош, лекови, бебешка храна, сево ова е недостапно во Газа. Речиси 3 месеци бевме сведоци на целосна блокада, тоа е нехумана опсада. Ништо не можеше да се внесе, ниту едно шише вода. Израел го користи гладот, како оружје‘, изјави Јасемин Аџар – активистка.
Во Тел Авив, пак масовни протести. Демонстрантите бараат прекин на огнот и договор за враќање на преостанатите израелски заложници што ги држи Хамас.
Маја Стојанова
