Дарио Ивановски победник на полумаратонот „Охрид Трчат“
Охрид викендов пулсира во знакот на спортот. На на атлетскиот викенд „Охрид ТрчаТ“ учествуваа рекорден број атлетичари од земјава и странство, а на полумаратонот на дваесет и еден километар најуспешен беше Дарио Ивановски. Во женска конкуренција на полумаратонот триумфираше Фросина Михајловска. Овој спортски настан придонесе во Охрид да допатуваат поголем број туристи кои покрај во полумаратонот уживаа во уште неколку дисциплини, но имаа можност да се вклучат и во рекреативната трка на пет километри.

Познатиот македонски атлетичар Дарио Ивановски е победник на главната трка на деветтото издание на „Охрид ТрчаТ“. Тој во конкуренција на 510 атлетичари од 28 земји на полумаратонот низ улиците на Охрид во должина од 21 километар постави нов рекорд, поминувајќи ја патеката за еден час, осум минути и 53 секунди. Во женска конкуренција на истата патека најуспешна беше Фросина Михајловска од Атлетскиот клуб „Аеродром“ од Скопје.
„Честа е огромна да се трча во нашиот град бисер и посебно оваа година ми беше желба да истрчам поради тоа што минатата година ме испратија охриѓани, оваа трка беше последна трка во државата пред Олимписките игри. Охриѓани ме испратија на Олимписки игри и тие беа со мене во секој момент и оваа трка ја посветувам на сите охриѓани“, изјави Дарио Иваноски -победник на полумаратонот.
„Трката можам да кажам дека ја завршив на прво место, со посебно чувство. Охрид е многу убав град за трчање, со посебни импресии за оваа трка се подготвував долго време“, рече Фросина Михајловска – победник на полумаратонот во женска конкуренција.
Во рамките на атлетскиот викенд денеска се одржаа трката на 5 километри во машка и женска конкуренција, како и штафетни трки на 5 и 21 километри. Сите учесници изразија огромно задоволство од организацијата на овој спортски настан, временските услови и севкупниот амбиент.
„Сега ми пренесовте дека првите во машка и женска конкуренција на 21, искажале навистина пофални зборови за организацијата. Ние работиме цела година за да дојдеме до тој момент, затоа што навистина критиката од страна на тркачот како позитивна или негативна делува во делот на мотивацијата за да направиме нешто квалитетно и добро за Охрид“, изјави Иван Цветкоски – АК „Охрид ТрчаТ“
На Атлетскиот викенд во Охрид учество зедоа рекордни 2 400 атлетичари од земјава и странство, кои и овој пат придонесоа за афирмација на спортот и здравиот начин на живеење.
Сашо Нелоски
