Мицкоски: ОЈО да постапува по пријавите на Арсовска
Основното јавно обвинителство веднаш да постапи по пријавите на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, а заканите по живот да ги пријави во МВР, изјави премиерот Христијан Мицкоски по последните случувања со градоначалничката откако таа во живо се јави на социјалните мрежи каде открива дивоградби, главно во Општина Чаир...

Основното јавно обвинителство веднаш да постапи по пријавите на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, а заканите по живот да ги пријави во МВР, изјави премиерот Христијан Мицкоски по последните случувања со градоначалничката откако таа во живо се јави на социјалните мрежи каде открива дивоградби, главно во Општина Чаир.
„Јас го охрабрувам Јавното обвинителство да постапува по пријавите од градоначалничката Арсовска. Ние не можеме да постапуваме или да не постапуваме, и законот треба да важи за секого. Мене ми е жал ако градоначалничката добива закани по живот, и ја охрабрувам истите тие да ги пријави во МВР, а МВР да постапува по истите“, вели Мицкоски.
Претходно, од Обвинителството ја повикаа Арсовска ако има докази за сторено кривично дело, да ги достави до истражните органи. Градоначалничката Арсовска поднесе документи до ОЈО со кои тврди дека на диво се гради во општината Чаир. На Висар Ганиу и на Изет Меџити им порача дека не им се плаши.
Очекува вистината да излезе на виделина со цел обезбедување на доказите.
Од СДСМ велат, недозволиво е институциите да молчат и да го покриваат криминалот на урбаната мафија.
„ВМРО-ДПМНЕ ветуваше де-ДУИзација, само за да ја промени со ВЛЕН-изација. СДСМ бара институционална разврска за овој мегаскандал. Како советничка група, во Советот поднесовме и барање за свикување на седница на Советот на Град Скопје“, вели координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.
Градоначалничката Арсовска најави в понеделник дека во обвинителството ќе ја донесе целата документација со 150 предмети.
Борис Грујоски
