Истанбул

Нова рунда преговори меѓу Русија и Украина

02.06.2025 10:08

Во Истанбул нова рунда преговори меѓу Москва и Киев. Украинските преговарачи на руската страна ќе ѝ предложи план за постигнување траен мировен договор. Американскиот претседател Трамп ги повика Москва и Киев да работат заедно на договор за прекин на војната…

Напладне нова рунда разговори меѓу Киев и Москва во Истанбул. Помошникот на рускиот претседател Владимир Медински и министерот за одбрана на Украина, Рустем Умеров ги предводат делегациите. На состанокот, двете страни ќе презентираат меморандуми за иден мировен договор. Украинскиот мировен план, меѓу другото предвидува целосен и безусловен прекин на огнот на копно, во воздух и на море, ослободување на затворениците и враќање на киднапираните деца, безбедносни гаранции, почитување на украинскиот суверенитет. Во екот на преговорите, воените дејствија продолжија. Украина изврши напад врз четири воени бази и оштети 40 руски воени авиони во акцијата „Пајажина“. Украинската безбедносна служба соопшти дека Москва претрпела штета од 7 милијарди долари.

„34 проценти од стратешките носачи на крстосувачки ракети стационирани во воздухопловните бази беа погодениНашиот персонал работеше низ повеќе руски региони – во три различни временски зони. Навистина е задоволувачки кога нешто што го одобрив пред година и пол ќе се реализира и ќе ги лиши Русите од над 40 единици стратешка авијација“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Москва го возвраќа ударот, со балистички проектили нападнат Харков, има жртви и повредени. Руската Федерална служба за безбедност објави дека спречила саботажа на дел од железничката пруга на Далечниот Исток. НАТО – членките треба да се подготват за можен напад од Русија во следните четири години, изјави шефот на одбраната на Германија. Коментарите следуваат пред самитот на алијансата во Хаг, каде што тема е буџетот за одбрана.

„Доаѓаме до точка каде што мора да бидеме подготвени, секако да можеме да се одбраниме, но во исто време и да се сме подготвени за одвраќање, само за да и покажеме на Русија дека не е лесно да се нападне територија на НАТО“, рече Генерал Карстен Бројер, началник за одбрана на Германија.

Владата на Велика Британија ја потенцира поддршка за Киев и потврди дека ќе инвестира приближно две милијарди долари за изградба на шест нови фабрики за муниција и за зголемување на арсеналот на оружје со долг дострел.

„Ако околностите ни дозволат, како дел од нашиот начин за меѓународната поддршка за Украина во случај на договорен мир, Русија никогаш повеќе нема да размислува за инвазија на Украина, и самите Украинци на крајот ќе бидат нивниот најдобар гарант и најдоброто средство за одвраќање во иднина, нашата работа е да ги поддржиме да станат тоа“, нагласи Џон Хили, министер за одбрана на Велика Британија.

Париз и Лондон се водечки земји во мобилизацијата за поддршка на Киев и воедно се иницијатори на Коалицијата на подготвени кои би обезбедиле гаранции доколку дојде до мировен договор меѓу Украина и Русија.

Маријана Димовска