Фатени препишувачи на државната матура
И годинава фатени препишувачи на државната матура. 10-ина матуранти се обиделе да ги заобиколат правилата за време на полагањето на задолжителниот испит по мајчин јазик и литература. Резултатите се очекуваат за еден месец...

Средношколците и годинава пробале да ги заобиколат правилата. Фатени се десетина ученици кои се обиделе од своите мобилни телефони да препишуваат на државната матура. Веднаш биле отстранети од тестаторите и матурата за нив ќе се одржи наредната година. Министерката Јаневска задоволна како поминал првиот тест, но апелираше матурантите сериозно да си го сфатат полагањето.
Од годинава, дел од матурантите полагаат по нови правила. Наместо во своите клупи седнаа во амфитеатрите како дел од превентивните мерки за да се спречи масовно препишување. Ова доаѓа откако ланскиот тест по Англиски јазик беше споделуван на социјалните мрежи, а откриени беа над 3.000 препишувачи. Иако беа најавени блокатори на полагањето, не се поставија.
За државната матура пријавени се 15.004 ученици. Во саботата го полагаа првиот предмет Македонски јазик и литература. Вториот изборен е закажан на 11-ти јуни.
Средношколците кои нема да ја положат матурата, ќе преполагаат во август. Резултатите ќе се знаат најдоцна еден месец од полагањето.
Викторија Милевска
